Мојот советник

Македонски (Macedonian)Albanian-ALTurkish (Turkiye)
Крива Паланка

За општина Крива Паланка, Советот и членовите на Советот

Општина Крива Паланка е единица на локалната самоуправа во која граѓаните го остваруваат своето уставно загарантирано право на локална самоуправа. Нејзините надлежности произлегуваат од Уставот на Република Македонија, Законот за локална самоуправа, како и од други закони.

Територијата на општина Крива Паланка ги опфаќа следните населени места: градот Крива Паланка и селата: Б’с, Баштево, Борово, Варовиште, Габар, Голема Црцорија, Градец, Длабочица, Дренак, Дрење, Дубровница, Дурачка Река, Жидилово, Киселица, Конопница, Костур, Кошари, Кркља, Крстов Дол, Лозаново, Луке, Мала Црцорија, Мартиница, Метежево, Мождивњак, Нерав, Огут, Осиче, Подржи Коњ, Трново, Станци, Тлминци и Узем.

Според податоците од Министерството за Локална самоуправа, во општина Крива Паланка има 20.820 жители, од кои најголем дел 96,05% се Македонци, 3,21% се Роми, 0,49% се Срби. Општината Крива Паланка покрива површина од 480,81 км2.

Седиштето на општина е во градот Крива Паланка.

Празник на Општината е 8 oктомври - Денот на ослободување на Крива Паланка во 1944 година.

Статутот на општина Крива Паланка ги одредува: организацијата и работењето на органите на општината, организацијата и работењето на комисиите на советот, вршењето на работите согасно начелото на супсидијарност, начинот на информирање на граѓаните и слободен пристап до информациите од јавен карактер, случаите на исклучување на јавноста од седниците на советот, начинот и постапката за доставување претставки и предлози за работата на органите на општината и постапување по нив, начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните, начинот на објавување на прописите на Советот, месната самоуправа (урбана заедница), начинот на извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба, начинот и постапката за утврдување на грбот и знамето на Општината како и други прашања од значење за Општината.

Со општината раководи градоначалникот Арсенчо Алексовски, кој со тајно гласање, на непосредни и слободни локални избори, одржани на 22 март 2009 година, по прв пат е избран на оваа функција. Неговиот мандат е 4 години.

Советот на општината е претставнички орган на граѓаните кој го сочинуваат 19 членови со мандат од 4 години.
Од своите редови, членовите го избраа Миле Милковски за претседател на Советот на општина Крива Паланка.

Овој состав на Советот на општина Крива Паланка е избран на непосредни и слободни локални избори, со тајно гласање, одржани на 22 март 2009 година. Членовите на советот се избрани врз основа на пропорционален модел, со затворена листа на кандидати, (што значи се гласа за листа, а не за еден кандидат), во времетраење од четири години. Пресметувањето на мандатите од кандидатските листи се врши по Донтовиот модел.

Организацијата и работата на Советот на општина Крива Паланка и комисиите се определени со Деловникот на Советот на општина Крива Паланка.

 

Права и должности на членовите на Советот според Деловникот

  • Членовите на Советот имаат право од градоначалникот, општинскaта администрација, јавните служби, установи и претпријатија, основани од Општината и од други институции да бараат податоци што им се потребни за нивната работа во Советот;
  • Членовите на Советот, кои од страна на Советот се избрани за членови на органите на управување на јавните служби, установи и претпријатија, основани од Општината не може да учествуваат во одлучување на седницата на Советот за прашања што се однесуваат на јавните служби, установи и претпријатија во чии органи на управување се избрани;
  • Членовите на Советот имаат право и должност да присуствуваат на седниците на Советот, постојаните и повремените комисии во кои членуваат и да учествуваат во работата и одлучувањето;
  • Членовите на Советот имаат право да присуствуваат и на седниците на комисиите во кои не се членови, како и право да учествуваат во нивната работа, но без право на одлучување;
  • За присуството на седниците на Советот и на комисиите во кои членуваат членовите на Советот, се води евиденција. Евиденцијата ја води општинската администрација.


- Членовите на Советот имаат право на седниците на Советот: 

  • да ги изнесуваат предлозите и мислењата на граѓаните и да му предлагаат на Советот заземање ставови од надлежност на Советот за тие предлози и мислења;
  • да даваат иницијативи за донесување на прописи од надлежност на Советот, како и да поднесуваат амандмани на предлозите на прописите;
  • да поднесуваат барање за давање на автентично толкување на прописите;
  • да иницираат распишување референдум за решавање на прашања од интерес за Општината, како и за претходно изјаснување на граѓаните за одделни предлози на одлуки или за нивно потврдување;
  • да предлагаат претресување на прашања, појави и состојби што се од значење за определена дејност, како и од значење за граѓаните;
  • да предлагаат претресување на прашања што се однесуваат на спроведувањето на политиката што ја утврдил и прописите што ги донел Советот или на прашања што се однесуваат на извршување на законите и другите прописи и општи акти;
  • да предлагаат претресување на прашања кои се однесуваат на работата на градоначалникот;
  • да бараат од градоначалникот да го извести Советот за својата работа;
  • да предлагаат претресување на прашања што се однесуваат на остварувањето на надзорот над вршењето на работите од надлежност на општината;
  • да предлагаат претресување на прашања во врска со состојбата во дејностите за кои Општината основала јавни служби, установи и претпријатија, како и прашања во врска со остварувањето на надзорот над нивната работа;
  • да предлагаат спроведување на анкети по прашања од надлежност на Советот;
  • Членовите на Советот имаат право поединечно или заедно, да предлагаат избор и разрешување на претседател на Советот, претседатели и членови на комисиите и посебните тела на Општината, што ги избира односно именува Советот, на начин и под услови утврдени со закон, Статутот и Деловник;
  • Членовите на Советот имаат право на Градоначалникот и на раководните органи, односно членовите на органите на управување на јавните служби, установи и претпријатија што ги основа Општината, да им поставуваат прашања (советнички прашања) што се однесуваат на нивната работа или на работата од нивна надлежност, односно од надлежност на органите, службите, установите и претпријатијата;
  • Членот на Советот е должен да чува тајна.

Мандатот на членовите на Советот престанува или може да им биде одземен само во случаите утврдени со Законот за локална самоуправа:

  • ако поднесе оставка;
  • во случај на смрт;
  • ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење од над шест месеци;
  • ако настапи случај на неспојливост со функцијата член на Советот согласно со Законот за локалните избори;
  • ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност, и
  • ако престане да биде жител на општината.


Во текот на својот мандат ...

...Членовите на Советот може да се сретнат со граѓаните, со претставници и членови на граѓански организации, со претставници на медиумите, може да одговараат на пораки и телефонски јавувања, да ги подготват своите материјали и излагања за седниците на Советот и работните тела.

 

Работни тела на Советот на општина Крива Паланка

Советот на општина Крива Паланка формира комисии за претресување на прашања од надлежност на Советот. Комисиите расправаат за прашања од областа за која се формирани, даваат мислења и предлози до Советот и ги разгледуваат предлозите на Градоначалникот, членовите на Советот и иницијативите на граѓаните.

Според Статутот на општина Крива Паланка комисиите на Советот се формираат како повремени и постојани. Комисиите се составени од Претседател и четири члена од редот на членовите на Советот.
Повремените комисии се формираат по потреба. Составот и времетраењето на мандатот на повремените комисии се определува со Одлуката за нивното формирање.

Како постојани комисии на Советот се формирани:

  • Комисија за прашања на верификација, избори и именувања;
  • Комисија за финансии и локален економски развој;
  • Комисија за урбанистичко планирање, уредување на просторот, заштита на животната средина и природата: 
  • Комисија за комунални работи и сообраќај;
  • Комисија за јавни дејности;
  • Комисија за Статут и прописи ;
  • Комисија за еднакви можности на жените и мажите;
  • Комисија за меѓуопштинска и меѓународна соработка.

Мандатот на овие комисии е ист со мандатот на членовите на Советот.

Како повремени комисии на советот се формирани:

  • Комисија за изработка на Програма за работа на Советот;
  • Комисија за водење постапка за утврдување на загаденоста на речната вода во Крива Паланка.


Согласно Законот за Локална самоуправа, Советот на општина Крива Паланка има формирано Комисија за односи меѓу заедниците во која членуваат по еден претставник од заедниците застапени во Општината со мандат од четири години.

Општината Крива Паланка може да формира Совет за заштита на потрошувачите кој е е составен од десет членови, претставници на поголемите групи на корисници на јавните услуги во Општината.
Членовите на Советот за заштита на потрошувачите не може да се избираат од редот на членовите на Советот на Општината.

Исто така, Советот на општина Крива Паланка има формирано и Партиципативно тело од областа на урбанизмот, кое се состои од пет членови.

Членовите на Партиципативното тело од областа на урбанизмот се
избираат:
- од редот на членовите на Советот;
- по предлог на облицита на месна самоуправа;
- по предлог на здруженијата на граѓани;
- здруженија на стручни лица од областа на урбанизмот и
- од општинската администрација.

Според Законот за локална самоуправа, седници на советот се свикуваат по потреба но најмалку еднаш на три месеци.

Советот на општина Крива Паланка во периодот јануари – јуни 2010 година има одржано 7 седници на кои биле поставени вкупно 144 точки на дневниот ред, вклучувајќи ги и разгледувањата на записниците од претходно одржаните седници.

Вкупниот број на денови во кои се одржувале седници на Советот на општина Крива Паланка, во овој период, е 7.